Saturday, December 1, 2007

Троен агол


Троен агол

Ги најдов стуткани во еден агол. Зафрлени, заборавени имитираа постоење. Играа карти.

Сведната глава, скршено крило и уморен поглед. Со бавни движења ги редеа картите една по една пред себе.

Се отвори картата Живот, а тие се стуткаа во својот троен агол и сомнежливо погледнаа околу себе. На светлината од свеќите лицата им изгледаа бледо прозрачни. Откако се уверија дека се сами најмладиот отиде да провери дали има порака за нив.

Изминаа веќе неколку дена, а сеуште никој не ги беше побарал. Решија да продолжат со играта, која веќе одамна не им претставуваше задоволство, туку беше навика и должност.

Во магливата атмосфера на истиот троен агол се отвори картата Смрт. Овојпат беа сигурни дека ќе добијат повик или барем еден од нив ќе биде побаран и ќе може да го напушти аголот. Тројниот агол на животот, тројниот агол на смртта, распространет во сите свои пространства, стеснет во сета своја ситнина,  каде што тие, тројцата, се надеваа дека некој ќе ги пронајде.

Кога заминав сеуште чекаа таму, во тројниот агол што го нарекоа свој - Таткото, Синот и Светиот дух.

 

1 comment:

budushova said...

Publikuvan vo Margina 73 / 1 mesto na Elektrolit