Saturday, December 1, 2007

Бенјамин

Бенјамин

  Додека надвор дождот ги брише трагите од сопственото постоење и се обидува да се сети кога лешевите цветаат...

Бенјамин стоеше на полуотворениот прозорец. Гледаше во дождот и се обидуваше со него да ги измие трагите од мастило што беа останати на неговите прсти.

„Во ова мрачно попладне единствената светлина е небесното празнење, за чие постоење недостојни сме.“ – изусти Бенјамин тивко, како за себе.

„Слушаш Кло?“ – рече тој.

Немаше одговор.

„Единствениот звук“ – продолжи Бенјамин, „е ударот на дождовните капки врз клепките на слепата птица...“

Молк.

„... незасолнета во вечната ноќ што стои.“

„Да, Кло. Птицата е овде и со задоволство би ти ги исколвала очите... кога би можела само да те види.“

Повторно немаше одговор.

Бенјамин го затвори прозорецот, седна на масата за пишување, ја отвори мастилницата, го натопи перото.

- Драга госпоѓо Мајка,

Ве молам и преколнувам, о колку е тоа дрско од мене, но сепак, ве преколнувам ова писмо да го прочитате до крај, а неговата содржина да ја оцените како многу сериозна.

 Јас и Кло заминуваме. Вечерва.

 Со почит Ви се обраќа

Вашиот секогаш мал

Бенјамин

Го избриша перото, ја затвори мастилницата, стана од масата за пишување, го отвори прозорецот. Гледаше во дождот и се обидуваше со него да ги измие трагите од мастило што беа останале на неговите прсти.

 Кло лежеше удобно врз купот перници и го лижеше своето крзно.

 

Троен агол


Троен агол

Ги најдов стуткани во еден агол. Зафрлени, заборавени имитираа постоење. Играа карти.

Сведната глава, скршено крило и уморен поглед. Со бавни движења ги редеа картите една по една пред себе.

Се отвори картата Живот, а тие се стуткаа во својот троен агол и сомнежливо погледнаа околу себе. На светлината од свеќите лицата им изгледаа бледо прозрачни. Откако се уверија дека се сами најмладиот отиде да провери дали има порака за нив.

Изминаа веќе неколку дена, а сеуште никој не ги беше побарал. Решија да продолжат со играта, која веќе одамна не им претставуваше задоволство, туку беше навика и должност.

Во магливата атмосфера на истиот троен агол се отвори картата Смрт. Овојпат беа сигурни дека ќе добијат повик или барем еден од нив ќе биде побаран и ќе може да го напушти аголот. Тројниот агол на животот, тројниот агол на смртта, распространет во сите свои пространства, стеснет во сета своја ситнина,  каде што тие, тројцата, се надеваа дека некој ќе ги пронајде.

Кога заминав сеуште чекаа таму, во тројниот агол што го нарекоа свој - Таткото, Синот и Светиот дух.

 

Роден сум проклет


Роден сум проклет

Мајка ми била змија во блуден грев фатена како ме зачнува со Плодилото човечко. Извиена околу откинатото плодило ја затекле. Со камен главата и ја смачкале, од главата излегло белилото човечко што во себе собрано го имала. Утробата и ја отвориле во неа мене ме нашле.

Проколната била да ги откинува плодилата човечки, белото да им го собира, семето човечко во себе да го чува, од него пород да не остави да има. Сподобија грозни раѓала, светот со нив го полнела.

Ставила проклет печат на светот, мене во него ме оставила.

Проклет сум што не сум роден од неа, а од утробата сум и изваден, ваков недоправен. Битијата човечки што ме нашле не знам зошто ми се смилувале и со студен камен не ме дариле. Погрозен од другите не сум бил, оти грозотијата била последна што на битијата им се давала, а јас одвоен од последното сум бил.