Saturday, December 1, 2007

Бенјамин

Бенјамин

  Додека надвор дождот ги брише трагите од сопственото постоење и се обидува да се сети кога лешевите цветаат...

Бенјамин стоеше на полуотворениот прозорец. Гледаше во дождот и се обидуваше со него да ги измие трагите од мастило што беа останати на неговите прсти.

„Во ова мрачно попладне единствената светлина е небесното празнење, за чие постоење недостојни сме.“ – изусти Бенјамин тивко, како за себе.

„Слушаш Кло?“ – рече тој.

Немаше одговор.

„Единствениот звук“ – продолжи Бенјамин, „е ударот на дождовните капки врз клепките на слепата птица...“

Молк.

„... незасолнета во вечната ноќ што стои.“

„Да, Кло. Птицата е овде и со задоволство би ти ги исколвала очите... кога би можела само да те види.“

Повторно немаше одговор.

Бенјамин го затвори прозорецот, седна на масата за пишување, ја отвори мастилницата, го натопи перото.

- Драга госпоѓо Мајка,

Ве молам и преколнувам, о колку е тоа дрско од мене, но сепак, ве преколнувам ова писмо да го прочитате до крај, а неговата содржина да ја оцените како многу сериозна.

 Јас и Кло заминуваме. Вечерва.

 Со почит Ви се обраќа

Вашиот секогаш мал

Бенјамин

Го избриша перото, ја затвори мастилницата, стана од масата за пишување, го отвори прозорецот. Гледаше во дождот и се обидуваше со него да ги измие трагите од мастило што беа останале на неговите прсти.

 Кло лежеше удобно врз купот перници и го лижеше своето крзно.

 

1 comment:

budushova said...

Publikuvan vo Margina 69